|
Инсистирањето да се намали цената на зелениот картон за автомобилите, но не и за товарните возила е тенденциозно, бидејќи токму тука се најголемите профити во овој сегмент од осигурителниот бизнис. Вака реагираат транспортерите по изјавите на одговорни од одделни осигурителни компании дека последниве три години од осигурувањето на товарните возила имаат постојано зголемување на загубите. Од транспортните компании упорно и од поодамна бараат владин ангажман и помош кога станува збор за дополнителната давачка за зелен картони за излез со моторно возило од земјава. Тие лани жестоко реагираа и на воведената новина зелените картони да се продаваат само во кеш, или со кредитни картички, а не и на рати. За транспортерите беше несфатливо, наместо како порано за зелен картон да може да се плати на рати, да се плаќа исклучиво во готово, и тоа практично однапред за нешто, што тие веќе одамна побарале да биде укинато како давачка, а за што беше поднесена и иницијатива до Уставниот суд. Транспортниот сектор е важен стопански сегмент, кој носи значителен девизен прилив во државата и вработува многу луѓе, па во антикризните мерки, што ги најави Владата, намалувањето или укинувањето на дополнителната давачка за зелен картон мора да се однесува и за транспортерите сметаат камионџиите.Инаку, со нетрпение се очекуваат резултатите од неколкумесечните анализи, што беа иницирани од Владата, како вовед во евентуална корекција на цената на зелениот картон, а во што се вклучени Министерството за финансии и осигурителните компании во државава, односно Националното биро за осигурување, под чии ингеренции е зелениот картон. Меѓутоа, оттаму нема никакви попрецизни информации, па за многумина најновите гласини во врска со цената на зелениот картон се пробен балон пуштен од некого од актерите во анализата на оваа дополнителна давачка, за која како можно решение се споменува и опцијата зелениот картон да се спои со основното осигурување и да се плаќа еднаш годишно.Според некои проценки во моментов кај нас се плаќа најскапо за зелен картон, при што, месечно цената на картонот изнесува околу 2.500 денари, за три месеци 3.700, за шест месеци 5.500, а за цела година 9.760 денари. А за товарните возила, на пример, за камион со приколка износот е и значително поголем, околу 650 евра. Дополнителната давачка за зелениот картон е укината секаде, освен кај нас и во Албанија.
|