|
Старите и нови возила што се произведени во земји надвор од Европската Унија и за кои не може да се обезбеди сертификатот „евро1“ за потекло на стоката, ќе се царинат со стапка од 5 отсто, наместо досегашната од 10. Царината за автомобилите произведени во ЕУ останува еден отсто. Со стапка од еден отсто ќе се царинат и возилата на јапонските, корејските, американските и на други неевропски производители што имаат фабрика во некоја од земјите на ЕУ, како „Тојота“, „Хјундаи“, „Сузуки“, „Форд“ и други. За да ја добијат оваа повластена стапка, тие во своите автомобили треба да имаат вградено соодветен дел материјали и делови што се произведени во европски земји.Намалувањето на царините за неевропските возила ќе настапи по усвојување на измените во Законот за царинската тарифа кои се очекува да стапат во сила на почетокот на следната недела.И покрај пониските царини и неодамнешното намалување на акцизите за старите и за новите автомобили, увозниците се' уште не можат да кажат како најновите промени ќе влијаат врз крајната цена на возилата. За разлика од нив, од Царинската управа сметаат дека намалените царини ќе ја зголемат продажбата на нови и на користени возила, бидејќи ќе ги намалат увозните трошоци.Увозниците на нови автомобили не сакаат да даваат прогнози за евентуално намалување на цените се' додека не ги завршат пресметките. Тие не негираат дека со пониските давачки за царина се намалува и крајната цена на возилата, но таа се компензира со промената кај акцизите. Царинската управа објаснува дека воопшто не е важно каде возилото е произведено, туку дали ги исполнува условите за да добие „евросертификат“. Така, може да се случи возило на јапонска автомобилска компанија со делови на мотор што се произведени во Европа многу лесно да добие таков сертификат, за разлика од европско возило чии делови на моторот се произведени во Кина, да не ги исполнуваат бараните стандарди.За да се добие „евросертификат“ има посебни критериуми, кои зависат од тоа колкав процент од доработката на деловите од автомобилот се направени во ЕУ. Со намалувањето на акцизата и на царината, ќе се зголеми увозот и на стари и на нови возила, бидејќи ќе се намалат трошоците и за нови и за користени возила.Засега во царинските складови чекаат околу 1.100 половни возила, што е многу голема бројка со оглед на тоа дека лани за цела година се оцаринети околу 2.900 користени возила. Со увозот калкулираат и импортерите на нови возила, кои го одлагаат внесувањето додека не паднат царините. Според податоците на Царина, лани биле оцаринети околу 12.000 нови автомобили, а просечно во земјава годишно се царинат околу 16.000.Шпедитерите објаснуваат дека за автомобилите до 1.500 кубни сантиметри зафатнина досега се плаќаше пет отсто царина. За сите возила со зафатнина на моторот над тоа, царината беше 10 отсто. Сега за сите неевропски возила царинската стапка ќе биде иста, без разлика на кубикажата. Според податоците за продажба на нови возила во земјава, лани биле продадени 10.547, од кои 3.732 возила биле од неевропско потекло. И за крај еден пример.„Тојота корола“ со зафатнина на моторот од 1.600 кубни сантиметри произведена во 2003 година чини 6.200 евра со целосна опрема, според интернет-огласите во Германија.За увоз на ова возило досега се плаќаше акциза од 1.500 евра и царина од 10 отсто од каталошката вредност. Со новите измени во давачките, акцизата за конкретното возило чини околу 170 евра, а царината е само пет отсто. Пред измените, увозникот за двете давачки плаќал 2.100 евра, а сега ќе го чинат 480.
|