|
Виница и Делчево годинава ќе ја имаат улогата на кошаркарски центри откако предводниците на македонската кошарка вчера објавија дека овие два града од источна Македонија, кои заедно едвај имаат повеќе од 20.000 жители, ќе бидат организатори на машкиот односно на женскиот дел од Купот на Македонија. Досега второто по ранг натпреварување беше одржувано во докажани кошаркарски градови во кои овој спорт има долга традиција и многубројна публика. Прашање е колку пресметките на најдобрите кошаркар(к)и ќе успеат да ги анимираат локалните жители, но и колку локалните одбори ќе успеат да организираат спектакл каков што сме имале во минатото и каков што заслужува натпреварување од ранг на Купот на Македонија. Но во ситуација кога никој не сакаше да даде 5.000 евра за да ја добие организацијата, иако сите екипи-учеснички имаат моќни спонзори, челниците на МКФ беа принудени да прифатат каква било понуда, која ги ослободува од дополнителни трошоци. Ждрепката за полуфиналето од машкиот дел од Купот, вчера, се покажа како немилосрдна за главните фаворити за освојување на титулата, Вардар Осигурување и Фени индустри, кои ќе мора силите да ги одмерат уште во полуфиналето. Тоа, воедно, ширум му го отвори патот кон евентуалното освојување на трофејот на тимот на Торус, кој, според стручњаците, има квалитет да направи изненадување и кој во полуфиналето ќе игра против најслабиот тим во оваа конкуренција, Овче Поле. Сепак од друга страна вистинските кошаркарски стручњаци сметаат дека светиниколчани имаат многу поквалитетен состав од фаворизираниот Торус.Заедничка изјава од скопскиот и од кавадаречкиот табор е дека за да се дојде до целта ќе мора да се победи големиот ривал, а дали тоа ќе биде во полуфиналето или во големото финале пак не игра голема улога. Во Торус, пак, велат дека нивна единствена грижа во моментов е како да се мине Овче Поле, кој може да биде незгоден, и дека е рано да се размислува за финалето. „Чекор по чекор“ е мотото по кое се раководат луѓето во таборот на популарните градежници“.Претставниците на Торус беа најзадоволни од ждрепката додека Фени индустри е во најнеповолна положба заради згуснатиот календар во првенството, во купот и во БИБЛ, но има доволен фонд на играчи за да издржи на трите фронта.Полуфиналните дуели од Купот на Македонија во кошарка ќе се одиграат на 26-27 март во Виница.Ова ќе биде прв фајналфор во Виница, градот во кој пред неколку години се одржи ол-стар натпреварот. Завршницата од женскиот куп ќе се одржи на 10-11 април во новата сала во Делчево. Полуфиналните двојки се Нарконон против Вигор Скопје и Билјана - Младинец. Во Делчево најавуваат дека од следната сезона ќе пријават прволигашка екипа во женска конкуренција.
Мики Виденовиќ
|