|
Градот на културата за 2010 година-Кавадарци започнувајќи од првиот пролетен ден до крајот на годината ќе реализира вкупно 125 проекти во рамките на манифестацијата “Град на културата 2010“. Носители на програмските активности ќе бидат Домот на културата “Иван Мазов Климе“, Локалната музеј галерија и градската библиотека “Феткин“. Градоначалникот на општина Кавадарци Александар Панов упати благодарност до Министерството за култура за тоа што Кавадарци го избра за град на културата. “Неколку години аплициравме за град на културата, но еве конечно годинава го добивме тој проект. Жалам за реакциите од општина Охрид. Ако бевме во обратна насока јас немаше да реагирам на тој начин. Крајно не витешки и неџентлменски. Нема никаква политика во одлучувањето, бидејќи аплицираа три града. Никој не спомнува дека и третиот град чија апликација не беше прифатена има градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Јадна е апликацијата на Охрид на само две страни. Незнам каков е квалитетот што може да се понуди на две страни. Добро е што културата се децентрализира. Култура нема само во Скопје и Охрид. “рече на прес конференцијата во Кавадарци, на која се претстави комплетната програма од проектот “Кавадарци град на културата 2010„ градоначалникот Панов . Тој потенцира дека Кавадарци како град дава добрина и позитивна енергија со вагони, а не со лажичка. Оправданоста Кавадарци да биде град на културата за 2010 градоначалникот на Кавадарци ја бранеше и со фактот дека во рамките на манифестацијата “Кавадаречка културна есен“ минатата година во Кавадарци се случија бројни настани од културата, а посебно ги потенцира двата настапи на Симон Трпчевски, концертие на “Леб и сол“ и на “Мизар“. Панов вели дека со советот одлучиле да се откажат од изградба на некоја уличка, само за да можат да издвојат пари и за култура, бидејќи во Кавадарци има бројни конзументи. На прес конференцијата директорите на институциите од културата кои се носители на програмата презентираа делови од неа , а рекоа дека истата изобилува со значајни настани, а опфаќа и бројни автори од ликовната уметност, музичко сценската дејност , театарот. Се најавија бројни промоции на ликовни изложби, книжевни вечери, театарски претстави. Ќе биде поставена историско тематска изложба за еден од најзначајните културно-историски споменици на територијата на општина Кавадарци и еден од најубавите македонски манастири Свети Ѓорѓи Полошки, кој се наоѓа на тиквешкото езеро изграден во 1340 година. Ќе се одбележи и 180 годишнината од почнувањето на работа на првото световно училиште во Ваташа, како и значајни настани, датуми и личности. Историска енциклопедија на Кавадарци од Петре Камчевски исто така е само дел од манифестацијата “Кавадарци - град на културата“ Овој труд е резултат на 30 годишната работа на вишиот кустос историчар Петре Камчевски. Оваа историска енциклопедија претставува прв обид од ваков вид , со која се прави обид да се претстават сите значајни личности од постарата и поновата историја на кавадарчани.
“ВасилХаџи Манов- живот и дело“ е историско тематска изложба за животот и делото на еден од најпознатите македонски етномузиколози, мелографи и изведувачи на македонски народни песни, роден во Кавадарци. Во рамките на манифестацијата ќе биде направена ретроспектива на тиквешките гроздобери почнувајќи од 1964 година. За љубителите на театарот ќе следуваат неколку премиери. Премиерно од кавадаречкиот театар ќе биде изведена театарската претстава “Хамлет од Долно Гаштани“ од Миле Поповски во адаптација и режија на Јордан Витанов. Премиерно ќе бидат изведени и претсатвите “Болва во уво“ и “Кога цутеа јоргованите“ во режија на Александар Малинков. Во делот на музичко сценската дејност главен акцент ќе биде ставен на студиото за модерен балет “Венус“ кое го негува модерниот балет, како и активностите на фолклорниот ансамбл “Тиквеш“ и КУД “Никола Бадев“, а внимание ќе биде посветено и на големиот “Тиквешки рок фестивал“. Верскиот празник Свети Трифун- заштитникот на виновата лоза и овошките ќе биде одбележан со бројни активности кои ќе ги отсликаат традициите на кавадарци и лозарите од тиквешко.
“Во Кавадарци покажавме дека постои култура, културни работници но и конзументи на културата“-вели Владимир Темков, директор на Домот на културата “Иван Мазов-Климе“
За реализација на програмата ќе бидат потрошени 6 милиони денари. Министерството за култура финансира 4,5 милиони денари, 1,5 милиони денари се општинскиот буџет и 500 илјади денари ќе се обезбедат од донации.
“За Света Софија знае цела Македонија , затоа што ја промовира цела Македонија. Секогаш се фаворизираат поголемите градови. „ – рече на крајот од пресот градоначалникот Панов, одговарајќи на новинарско прашање. АНГЕЛ ДАНОВ
|